Медицинската студентска организација СОМА организира јавна панел-дискусија насловена „Органодарителство во Македонија“ во соработка со органодарителство.мк. Јавната трибина ќе се одржи на 27.3.2026 (петок) во просториите на Мултимедијален центар на Економски Факултет при Универзитет „Гоце Делчев“-Штип со почеток од 17:00 часот.
На настанот се предвидени 20 панелисти, меѓу кои врвни експерти и доктори засегнати со соодветната област, претставници на МПЦ и ИВЗ, но и лица кои биле донори или приматели на орган со своето лично искуство.
Според претседателот на СОМА, Михајло Мирасчиев, предавачите се внимателно одбрани соодветно на нивната експертиза и вклученост во процесите на трансплантација и органодарителство.
Целта на организаторите за овој настан е да се вклопи медицинскиот аспект, но и етичкиот,правниот, како и личното искуство на луѓе кои веќе го поминале овој процес. Студентите ќе имаат можност од прва рака да слушнат за процесот на органодарителство и за предизвиците со кои се соочуваат професионалците кои работат во оваа област.
Органодарителството треба да биде потранспарентна тема во јавноста
„Учеството на студентите по медицина во вакви дискусии е од исклучителна важност бидејќи органодарителството не е само медицинска, туку и етичка, правна и хумана тема. Преку ваквите настани, студентите добиваат поширока перспектива, не само за клиничките аспекти, туку и за комуникацијата со пациенти и семејства во чувствителни моменти. Ова знаење е клучно за градењеto на идни здравствени професионалци кои ќе пристапуваат со емпатија, сигурност и професионализам.
Ние претставуваме мост помеѓу медицинската наука и човечката страна на одлуката за донирање органи. Правилната едукација ќе ни овозможи да пристапиме со чувствителност, да ги разјасниме дилемите и да придонесеме кон донесување информирани одлуки. Kако идни лекари ќе имаме значајна улога во процесот на информирање, советување и поддршка на пациентите и нивните семејства.“, вели Михајло.
Иако студентите по медицина се запознаени со процесот на трансплантација и органодарителство во теорија која се изучува во рамки на одредени наставни предмети, сепак недоставува практичниот, комуникацискиот и етичкиот аспект. Според СОМА, оваа трибина ќе понуди простор за дискусија, анализа на реални случаи и поинаков аспект за надополнување на формалната едукација.
Покрај студентите на медицина,право на учество може да има секој граѓанин кој е заинтересиран за оваа тема, сака да го надополни своето знаење или пак самиот е во дилема дали да биде органодарител.
Сите заинтересирани може да присуствуваат на оваа јавна панел-дискусија со пријава на линкот.
„Мојата цел, како претседател, но мислам дека и на сите вклучени во организацијата ќе биде постигната доколку само еден од присутните на дискусијата реши дека својата хуманост и возвишеност ќе ја покаже преку пристапување на самиот чин, органодарителство!“, вели Михајло.







