Одбојкарите на Штип УГД максимално подготовени ќе атакуваат на одбрана на Куп титулата и со тоа да ја освојат истата трета погодина по ред.
Штипјани се подготвени за полуфиналето каде ќе се соочат со Струмица, тоа ќе биде реприза на ланското финале од Радовиш.
Покрај Штип УГД и Струмица кои ќе се соочат во првиот меч од полуфиналето, во втората полуфинална пресметка силите ќе ги одмерат Работнички и Борец.
Капитенот Ѓорги Крстевски истакна дека тимот е подготовен и максимално тренира во текот на целата година, за што се потврда резултати, но вели дека имало осцилации на некои натпревари, но сите тие работи се надминати пред завршните мечеви како во Купот така и во првенството.
Минатата година Штип УГД ја декласираше Струмица во финалето во Радовиш и беше една лесна задача за одбрана на Куп титулата. Сега, Струмица е подмладена и не е на нивото од претходните сезони, но без потценување Штип УГД оди по триумф и пласман во финалето за одбрана на Куп титулата по третпат.
Штипјани годинава имаат идеална шанса за двојна круна и во Штип да пристигне и шампионската титула, но чекор по чекор, прво одбрана на Куп титулата.
Штип УГД полуфиналето против Струмица го игра во петок од 17:30 часот во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, а влезот е слободен.
Доколку Штип УГД ја елиминира Струмица во големото финале ќе се соочи со подобриот од дуелот меѓу Работнички и Борец, а штипјани бараат и очекуваат силна поддршка од трибините во „Јане Сандански“ како за полуфиналето, така и за финалето.







