Кога силите на генералот на босанските Срби, Ратко Младиќ, во јули 1995 година го извршија геноцидот врз Бошњаците од тогашната енклава и зона под заштита на ОН, Сребреница, сликите на ужас и на потфрлањето на меѓународната заедница речиси веднаш се проширија низ светот: слики на илјадници беспомошни бегалци пред базата на ОН во Поточари, слики на раздвојување на жени, деца и мажи, слики на понижениот холандски командант на УНПРОФОР кој наздравува со Младиќ. Во деновите пред геноцидот, имало очајни пораки од радио-аматери од Сребреница. И дури и за време на масовното убиство, првите преживеани сведоци на маршот на смртта известуваа за ловот на луѓе и ужасите во шумите околу Сребреница.
Иако димензијата на злосторството во јули 1995 година не беше точно позната во бројки, сепак беше веќе јасно дека Сребреница претставува ужасна кулминација на српската политика за етничко чистење во Босна и дека таму е извршено едно од најстрашните злосторства по Холокаустот. Злосторство не со комплетно знаење на претставниците на меѓународната заедница, ама сепак со нивно насетување и толерирање – во време кога мотото на европската култура на сеќавање одамна се имаше етаблирано со зборовите „Никогаш повеќе!“
Второ страдање
Годинава на 11 јули, денот на сеќавањето на геноцидот, се очекува кај споменикот Поточари во близина на Сребреница да се соберат десетици илјади луѓе – за 30-годишнината се очекуваат повеќе луѓе од кога било досега. Меморијалниот центар Сребреница, отворен во 2003 година, е потресно, но достоинствено место на сеќавање. Посмртните останки на околу 7 илјади идентификувани од вкупно 8.372 со име и презиме познати жртви на геноцидот, се погребани на тамошните гробишта. Тоа е најважно место на жалост за преживеаните роднини.
Но, во достоинственото сеќавање се меша горчина поради голем дел од она што се случуваше по самото злосторство – нешто што би можело да се нарече второ страдање. Името на Сребреница стана шифра за самото злосторство. Постои широк меѓународен консензус дека Сребреница беше геноцид, откако Меѓународниот трибунал за воени злосторства го утврди ова во неколку пресуди и опширно го документираше. Во 2024 година Генералното собрание на ОН го прогласи 11 јули за Ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница и со тоа уште еднаш го потврди карактерот на злосторството како геноцид.
Негирање и релативизирање
Сепак, во Србија и во Република Српска – еден од двата ентитета на Босна и Херцеговина и делот од земјата каде што се наоѓа Сребреница – кои беа одговорни за планирањето и извршувањето на геноцидот, негирањето и силната релативизација на злосторството денес се составен дел од државната политика. Српскиот парламент во 2010 година изгласа Декларација со која се извинува за злосторството во Сребреница, но без да го употреби зборот „геноцид“.
Српската политика под претседателот Александар Вучиќ од тоа време до денес падна многу под нивото дури и на таков еден гест. Вучиќ во 1995 година беше министер за информации на диктаторот Слободан Милошевиќ и на 20 јули 1995 година, додека геноцидот сè уште беше во тек, во белградскиот парламент рече дека „за секој убиен Србин, ќе бидат убиени сто [бошњачки] муслимани“. Тој до денес се нема извинето за ова. Вучиќ го шири наративот дека во југословенските војни „страдале сите страни“, но само Србите не се признати како жртви.
Воениот злосторник Младиќ – за многу Срби херој
Во Република Српска нејзиниот претседател Милорад Додик свика комисија предводена од контроверзниот израелски истражувач на Холокаустот, Гидеон Грајф, кој во извештај од 2021 година го негираше геноцидот и изрази силен сомнеж во бројот на жртвите. Ликот на Ратко Младиќ, осуден како воен злосторник, денес може да се види на бројни графити, мурали, плакати и фотографии во Република Српска и во Србија – многу Срби го сметаат за херој.
Секоја година, на разни српски празници и денови на комеморација, националистички настроени Срби во авто-корзо парадираат покрај споменикот, свирејќи со сирени или со гласна националистичка музика на радио. На првите погребни церемонии во новиот милениум, преживеаните што ги погребуваа своите најблиски беа плукани од српски националисти, без притоа полицијата да интервенира. Српските градоначалници на Сребреница по 1995 година го негираа геноцидот на еден или на друг начин. Сегашниот градоначалник, Милош Вучиќ, својата изборна победа во октомври ја сфаќа и како „одговор на резолуцијата на ОН“ донесена неколку месеци пред изборите.
Закон против негирање на геноцидот
Унгарија под Виктор Орбан исто така влезе во друштвото на порекнувачи на геноцидот. Имено, заедно со Србија и Русија, Унгарија беше единствена земја-членка на ЕУ која во јули 2024 година гласаше против резолуцијата на ОН за Сребреница. Во јули 2021 година, тогашниот висок претставник на меѓународната заедница за Босна и Херцеговина, Валентин Инцко, донесе закон против негирање на геноцидот во Сребреница, но беа потребни речиси четири години до изрекувањето на првата пресуда против порекнувач на геноцидот во мај 2025 година.
Само едно единствено искрено извинување
Од меѓународната заедница имаше само едно единствено искрено извинување за соодговорноста за Сребреница – во јули 2022 година, од холандската влада. Таа побара прошка од сите жртви и преживеани од геноцидот за фактот дека „меѓународната заедница пропушти да им пружи соодветна помош на луѓето од Сребреница“. Иако не е без никакво сомнение докажано, сепак е многу веројатно дека летото 1995 година меѓународната заедница знаела за конкретни планови за етничко чистење во источна Босна и премолчено ги прифатила како цена за успешни мировни преговори. На признание за ова сè уште се чека – иако на меѓународно ниво во тоа време можеби никој и не претчувствувал геноцид.
Без цврсто место во европската култура на сеќавање
За Бошњаците одбележувањето на геноцидот во Сребреница е клучна компонента на нивниот национален идентитет и конститутивен момент за нивната држава. Сепак, свеста на многу бошњачки државници вообичаено не оди подалеку од должно присуство на споменикот во Поточари на 11 јули. Повеќето преживеани од геноцидот живеат во скромни, понекогаш и многу сиромашни услови на маргините. Само преживеаните жени кои веќе немаат преживеани роднини мажи, добиваат државна поддршка. Сите други немаат правен статус на преживеани и никогаш не добиле никаква помош од државата, ниту материјална ниту психолошка поддршка.
За преживеаните веројатно најтешко е сепак тоа што дури и 30 години по геноцидот, и покрај резолуцијата на ОН од 2024 година, Сребреница нема трајно место во европската култура на сеќавање. Како пример може да служи Европскиот ден на сеќавање на жртвите од сите тоталитарни и авторитарни режими, кој од 2009 година во ЕУ се одбележува на 23 август, денот на потпишување на пактот Хитлер-Сталин во 1939 година. Меѓу другото, ЕК секоја година објавува Декларација по тој повод. Сребреница досега не е спомената.