15.8 C
Shtip
spot_img

Колумна: Македонскиот јазик – мост за меѓусебно разбирање во Македонија

Говори во кои се набројуваат различните етникуми се секојдневие во Македонија. Во политиката речиси и да не постои излагање, во кое покрај македонците, не се споменуваат и албанците, ромите, турците, србите, бошњаците итн. Општопознат факт е дека живееме во мултиетничка. Различноста носи предизвици, но успешно менаџирање на истите, на државата и општеството би му ги донеле сите предности на мултикултурализмот.
Надминувањето на бариерите, решавањето на проблемите и било која форма на интеракција помеѓу луѓето, како централен ресурс ја користи вербална комуникација. Говорот е нераскинливо поврзан со јазикот, а во држава која е мултиетничка, логиката вели дека бројот на јазици е поголем од еден. Во Македонија, јазикот е често предмет на дебата како внатрешно така и надворешно. Додека надворешно често се соочуваме со неоправдана негација на македонскиот јазик, пред се од соседна Бугарија, внатрешно дебатата оди во насока на правото на останатите етнички групи, пред се албанската, како втора најбројна, да го користи својот мајчин јазик (албанскиот јазик). После низа на законски измени, албанскиот јазик е втор официјален јазик во Македонија. Денес секој албанец има право да се образува на албански, да го користи службено, а секојдневно се употребува и во Собранието и Владата на Република Македонија. Македонија како држава во целост им го гарантира ова право на албанците. Правата на малцинствата во нашата држава, за разлика од многу други европски држави, во целост се признати и се почитуваат.
Прашањето кое многу често се појавува е што со македонскиот јазик и неговата улога?! Сепак ова е Македонија, во која најбројни се македонците, а со тоа и македонскиот јазик е најзастапен. Колку од жителите на државата, без разлика на нивната етничка припадност го знаат македонскиот јазик и дали истиот би требало задолжително да се изучува од секој? Дали можеме да бидеме подобра заедница, доколку дел од населениото не говори на јазикот на кој зборуваат најголемиот број од жителите? Според истражувањето спроведено од страна на ИРИ во текот на 2023 година, во Македонија 85% од граѓаните го познаваат македонскиот јазик доволно за да можат на истиот да се образуваат или работат. Анализата покажува дека само 77% од жителите на возраст од 18 до 35 години доволно го познаваат македонскиот јазик. Македонија е мултиетничка, но во полето на јазикот владее дихотомија, што не води кон размислување дека најголем дел од жителите кои не го познаваат македонскиот јазик, припаѓаат на втората по големина етничка заедница. Поаѓајќи од ова, се појавува прашањето дали добиените права, значат и дека македонскиот јазик воопшто не треба да биде изучуван од одредена група граѓани? Како во иднина младината би ја водела државата, доколку не е во можност меѓусебно да се разбере?
Во дебатата дали е потребно да се познава македонскиот јазик од секој во Македонија би ги исклучиле регионот на живеење, патриотизмот и национализмот и анализата би ја направиле само од аспект на практичност на ниво на целата територија на државата. Прашањето би било: Кои се придобивките да се познава јазикот на најбројната етничка група во една држава? Како прво се олеснува комуникацијата, затоа што најголем процент од населението зборува на еден јазик, што не го менува фактот дека освен еден постојат и редица други. Како втора предност е зголемената можност за интеграција во општеството, унапредувајќи ги можностите за образование, вработување и социјален ангажман. Следствено на ова се овозможива вклучување во економскиот, културниот и политички живот на државата. Достапноста на ресурсите исто така е полесна, јавните услуги како здравството, правните услуги, но и бизнис комуникацијата е поблиска во било кој дел од државата. Комбинација од наведените ефекти води кон рушење на бариерите, како и полесно искористување на бенифитите на мултикултурализмот, што неминовно води кон подобро меѓусебно разбирање и соживот.
Дискусијата јасно не води кон констатација дека јазикот на најбројната националност во една држава, треба задолжително да биде изучуван од сите. Во Македонија, македонскиот јазик е основно средство за комуникација и како таков треба да биде достапен до сите граѓани на државата. Познавањето на македонскиот јазик, не значи негација на јазикот на граѓаните од останатите заедници, напротив истиот може да биде фасилитатор на меѓусебното разбирање и мултикултурализмот. Правото да се користат останатите јазици не треба да е извор на јазични бариери. Хармонично општество е она во кое секој поединец лесно се разбира со останатите поединци, а меѓусебната почит се гради со меѓусебна комуникација. Заклучокот е јасен, македонскиот јазик е мостот за меѓусебно разбирање во општеството и како таков треба да се познава од секој!

Роберт Аџипетров
Раководител на одделение за образование
Општина Штип

━ повеќе содржини

„Вози Мишко“: Стигнале понуди за автобусот од култниот филм, сопственикот засега не прифаќа ниту една

Во Јадран филм пристигнале четири понуди од заинтересирани купувачи за нивниот најпознат автобус, кој му даде автентичност на култниот филм „Кој тоа таму пее“. Хрватската...

Штипскиот музичар и професор Коки Јанков го објави новиот, двоен албум „Навикни на промени“ со 20 песни

Започна промоцијата на новиот, двоен албум „Навикни на промени“ од Коки Јанков, кој содржи вкупно 20 песни. Албумот носи современ поп звук со емотивна...

НАЈАВИ ЗА ПРИМИРЈЕ МЕЃУ САД И ИРАН! Ете кои се условите и последиците…

Американскиот претседател Доналд Трамп „се откажал“ од нападот врз иранските енергетски објекти по „цврсто предупредување“ од Техеран, објавија  иранските медиуми. Истите тврдења ги изнесе и...

„Органодарителство во Македонија“- јавна трибина за студентите по медицина во Штип

Медицинската студентска организација СОМА организира јавна панел-дискусија насловена „Органодарителство во Македонија“ во соработка со органодарителство.мк. Јавната трибина ќе се одржи на 27.3.2026 (петок) во просториите на Мултимедијален...

Се намалува ДДВ-то на горивата од 18% на 10%!

Намалување на данокот на додадена вредност (ДДВ) за горивата и ослободување на количини мазут од државните резерви, се двете мерки со кои Владата предводена...
spot_img