Орторексија: Кога здравата исхрана станува опсесија

0

Анорексијата и булимијата се две добро познати нарушувања во исхраната, додека пак за орторексијата речиси ништо не се знае. Оваа патологија се однесува на личности кај кои грижата за здрава исхрана станува опсесија.

Орторексија: Кога здравата исхрана станува опсесија

Важно е да се јадат 5 овошја и зеленчуци дневно, да не се претерува со месо, да се избегнува палмино масло… Овие и многу други совети, иако се добри, може да станат непријател на вашето здравје доколку потребата за внесување здрави продукти се претвори во болест која сега има и свој назив – орторексија (доаѓа од грчкиот збор „orthos“ што значи коректно и „orexis“ што значи апетит).

Сѐ повеќе луѓе сакаат да контролираат што јадат, а во основа тоа е и позитивно. Но, проблемот настанува кога изборот на храната станува товар од кој не можете да се ослободите. Кај орторексичните личности желбата да се хранат здраво прераснува во опсесија и тие почнуваат да развиваат загрижувачки психолошки симптоми. Како и кога станува збор за анорексија и булимија, храната презема контрола над животот на личностите. За разлика од споменатите две нарушувања, кај орторексијата не станува збор за калориите, туку за нутриционистичкиот квалитет на продуктите.

Како и кај „класичните“ нарушувања во исхраната, и во овој случај стравот од помислата дека личноста би можела да изеде нешто што е лошо за нејзиното здравје, почнува да создава стрес и да предизвикува анксиозност. Терминот „орторексија“ прв пат во 1997 година го употребил американскиот истражувач Стивен Братмен, кој дури направил тест за да ги идентификува потенцијалните пациенти. Иако овој израз не е признат, сѐ повеќе лекари бараат оваа дијагноза да се постави формално.

Сподели.


Коментарите се затворени.