Како побрзо да научите нов странски јазик?

0

Збогатувањето на знаењето со нов странски јазик носи неколку предности –  преку него ќе се запознаете со културата на земјата чиј јазик го учите, ќе ја подобрите комуникацијата, а воедно ќе ја подобрите и вашата меморија. Ако пак се прашувате како можете да го совладате побрзо, постојат неколку трикови и совети што можете да ги примените во пракса.

Учењето нов странски јазик значи дека ќе треба да се запознаете со многу граматички правила и правилен изговор. Прашањето е од каде да почнете и на што повеќе да посветите внимание за полесно и побрзо да го совладате?

Одберете јазик кој ќе може да го користите

При изборот на странски јазик, подобро е да одберете некој за кој веќе имате барем минимална основа. Тоа подразбира дека веќе знаете некои зборови и слушајќи можете да го препознаете. Внимавајте и на друг аспект, колку ќе можете да го користите? За да усовршите еден јазик потребна е постојана употреба и надградба, па затоа кога ќе го правите изборот, гледајте тоа да биде јазик кој ќе ви е корисен и ќе можете да го употребувате.

Пронајдете го соодветниот курс за вас

Откако ќе го одберете вистинскиот јазик за вас, пронајдете соодветен курс за истиот. Во зависност од вашето претходно знаење и потребите можете да одберете од основни, напредни или пак специјализирани курсеви за странскиот јазик кој сакате да го изучувате. Училиштата за странски јазици формираат групи според возраста и знаењето на слушателите, но постои и можност да посетувате и индивидуални часови. За најмалите членови од семејството изучување на странски јазик може да стартува уште во градинка, со образовни модели кои се прилагодени за раниот детски развој.

Полесно е да запомните зборови што можете да ги изговорите

Изговорот има големо значење во процесот на учење нов јазик. Кога започнувате да учите нов јазик во прашање се илјадници зборови што треба да ги запомните и мора да обрнете внимание на изговорот. Зошто е тоа така? Науката вели дека е многу потешко да запомните зборови што не можете да ги изговорите. Затоа посветете се на нивниот точен изговор.

Секојдневна употреба

Факт е дека колку почесто го употребувате јазикот толку подобро ќе го научите. Пронајдете начин да го вметнете во секојдневната комуникација. Доколку има личности околу вас кои имаат познавање од него, тогаш комуницирајте со нив на тој јазик. Исто така и одењето на кафе со пријателите со кои заедно ги посетувате курсевите за странски јазици се одлична можност да го комуницирате новиот јазик.

Книги и филмови

Гледањето на филмови преку кои ќе имате можност да ги слушнете зборовите и читањето на книги на јазикот кој го учите ќе ви помогнат при изговорот, конструирањето реченици и учење нови зборови.

Трикови за полесно помнење

Постојат зборчиња кои ви се проблематични за помнење? За ова има две добри опции. Едната е да утврдите асоцијација за конкретниот збор, а другата да пронајдете збор кој се римува со оној кој ви е тешко да го запомните. Пробајте ја оваа вежба со неколку зборчиња и ќе се уверите во ефектот.

Клучни фрази и зборови

Во почетокот за да можете да комуницирате не мора да ги знаете сите граматички правила. Научете ги најчестите зборови и фрази кои се користат во јазикот. Постојат анализи кои велат дека учењето на 1.000 најчесто употребувани зборови од еден јазик ќе ви помогне да разберете 70% од она што некој го зборува.

И, на крај, никогаш не се срамете да го зборувате јазикот, поради страв дека ќе звучите смешно, бидејќи немате големи познавања. Сепак сте во фаза на учење и сите напори за зборување од ваша страна, како и желбата за учење, само ќе бидат симпатични и поздравени од вашите соговорници.

Сподели.


Коментарите се затворени.