Колку ќе биде тешко да се замени Мишел Обама?

0

Барак и Мишел Обама уште малку ќе си заминат од Белата куќа. На нивно место ќе дојде друго претседателско семејство – или она на Трамп или она на Клинтон.

На страна нивните политички ставови, како и да е, нема да биде лесно да се биде на местото на Барак, но ништо помалку предизвикувачки да се замени и Мишел.

И тоа од повеќе причини,.

Мишел го запознава Барак кога тој има 25 години. Таа му е менторка во правна фирма во Чикаго. На последната година од студиите ѝ е понудено да му помогне на тогаш 27-годишниот Барак во неговата работа и да го насочи.

Кога добила повик за љубовен состанок, го одбила, мислејќи дека тоа е непримерно. Сепак, Обама бил упорен и убедлив, па другото е историја.

Мишел Лавон Робинсон Обама е родена на 17-ти јануари 1964 година, а за Барак се мажи во 1992 година.

Она што сите ги восхитува е што таа успеа покрај моќниот сопруг да не остане во сенка, туку напротив, да биде исто моќна и влијателна.

Во 2008 година дава отказ во една болница во Чикаго за да му помогне на Барак околу кампањата. Кога го направила тоа, просечната заработка на годишно ниво на нејзината позиција изнесувала 212.000 долари.

И додека кај нас сѐ уште се бориме со прашањата: „Дали планирате деца и кога?“ додека го очекуваме одговорот за новото работно место, Мишел работата во Универзитетскиот клинички центар ја добива благодарение токму на мајчинството. Имено, таа на интервју се појавила заедно со тогаш четиримесечната ќерка Наташа. Со оглед на тоа дека не можела да најде дадилка, таа го земала бебето со неа и самоуверено се појавила на интервјуто за работа, а Наташа за среќа го преспала целото. Ја добива работата, а нејзиниот чекор директорот го окарактеризирал како многу прогресивен.

Мишел смета дека тоа не е ништо посебно или храбро. Напротив. Смета дека е сосема нормално што ја добила работата, особено имајќи ги предвид нејзините квалификации.

А еве зошто уште нема да биде лесно да се замени:

-Мишел е писателка, правничка и за сега, единствената Прва дама Афроамериканка.

-Од 2012 година самата си ги пишува говорите кои се оценети како мошне добри, дури и од страна на конзервативните комунисти.

-Една е од трите Први дами која има факултетска диплома. Другите две се Хилари Клинтон и Лора Буш. А и меѓу нив е најобразована.

-Меѓу првите ја увиде предноста на социјалните мрежи, па стана активна и на Твитер, Инстаграм и Фејсбук. На тој начин го сврте вниманието на младите генерации кон политиката, активизмот, а ги искористи и за себепромоција, претставувајќи се како забавна и современа жена.

-Се сеќавате на караокето со Џејмс Корден?

-Трага остави и во модна смисла. Ги следеше трендовите и ги наметнуваше. Ја наметна женственоста во строгиот политички дрес-код.

Проектот Runway:Junior кој претставува млади модели и таленти беше погодна платформа за нејзино дејствување. Таа минатата година преку видео-повик упати поздрав на учесниците, но го искористи за да ги пренесе информациите за проектот Let Girls Learn. Се работи за силна колаборација која ја поврзува Белата куќа со организацијата „Peace Corps“ за на што поголем број девојчиња ширум светот да им се овозможи образование.

-Одлична смисла за хумор и спонтаност. Се сеќавате на гостувањето кај Елен Деџенерис и новата кореографија за „Uptown funk“? Или склековите?

-Образованието и здравјето на децата ѝ се примарни цели, а според податоците со кои располага, 62 милиона девојчиња не се школуваат. Во некои држави помалку од 10 проценти од нив завршуваат средно училиште. Затоа таа ги поврза тинејџерките што сакаат да се занимаваат со креирање на облека, освен тоа да бидат и општествено одговорни. Ги предизвика да се натпреваруваат во креации за училиште, забава и други пригоди. На победникот му овозможи соработка со компанијата „Lands End“, за заедно да дизајнираат училишна торба. На тој начин, го сврте вниманието на конкретниот проблем, но истовремено ги награди и талентираните млади луѓе.

– Кога беше дел од шоуто на Опра Винфри, Мишел изјави дека мажите не мораат да ускладуваат ништо. Иако ѝ е жал поради тоа, сепак смета дека на нив не им претставува предизвик балансирањето помеѓу обврските, кога тие во споредба со жените – и ги немаат.

-На прашањето, како се изборила за своја „присутност“ во Белата куќа ќе каже: „Ако не преземете контрола нас своето време и живот, други луѓе ќе го направат тоа. Ако не се ставите себеси во приоритети, константно ќе паѓате на листата на животни приоритети и за себе и за другите. Треба да се сакаме себеси. А јас себеси се сакам веќе долго време. Сепак, на тоа треба да се работи. Ако не знаете што сакате во животот, не сте свесни колку вредите, тогаш бидете храбри. Сметајте на добрината и љубезноста на другите луѓе за да успеете да препознаете колку вредите“.

-Нејзиниот совет за мажите е: „Бидете подобри. Едноставно бидете подобри, затоа што можете да си се наречете феминисти. На тој начин ќе ги поддржите жените“. Нејзиниот сопруг многу бргу после тоа во една пригода себеси се нарече токму така – феминист.

На Мишел ѝ успеа тоа што не ѝ успеа ниту на една друга. Ситуацијата ќе биде уште поинтересна ако Бил Клинтон стане Првиот џентлмен, но ништо помалку внимание нема да добие и Меланија Трамп ако ја наследи нејзината функција.

Но, за тоа останува да зборуваме по 8-ми ноември за кога се закажани претседателските избори во САД.

 

Сподели.


Коментарите се затворени.