Mладенци не е само за нововенчаните – Што треба сите да правиме на денешниот празник

0

Денес православните верници ги честуваат светите 40 маченици во Севастија. Меѓу народот денешниот ден е попознат како Младенци, празникот на младоста и љубовта.

Празникот на пролетта 22 март (9 март, стар стил) младите го празнуваат како свој ден, како ден на младоста, љубовта и убавината. Оние што се венчале во изминатата година денеска пречекуваат гости, најчесто најблиските, кои им носат подароци и со кои уште еднаш го прославуваат нивниот почеток, љубовта, семејството.

Истиот ден Светата православна црква го празнува споменот на четириесетте војници од Севастија кои маченички загинале за Христовата вера.

Именден празнуваат: Младен, Младенка и др.

Житието за Светите четириесет маченици, како и повеќето народни преданија за нив, меѓусебно малку се разликуваат, но во сите се зборува дека четириесетте војници од Севастија маченички загинале не сакале да се откажат од христијанската вера.

Споменот за четириесетте маченици нашол одраз и во македонските народни преданија.

Поголем број обичаи што се изведуваат на овој ден се поврзани со бројот 40, а собирачите на македонски фолклорни и етнографски материјали од половината на минатиот век до денес запишале повеќе вакви обичаи и верувања.

Кузман Шапкарев сведочи дека спроти празникот собирале 40 полжави, потоа правеле 40 сарми со ориз и расол, а на ручекот пиеле по 40 чаши вино во спомен на 40-те маченици

И Ефтим Спространов запишал дека за овој празник во Охрид се правеле 40 сарми, се јаделе уште и 40 полжави, 40 ракови итн.

Од поновите записи ќе ги споменеме сведоштвото на Зорка Делиниколова, дека во Радовиш се варела пченка од која секој апнувал по 40 зрна за да се заварат (затечат) 40 бучуци жито во амбарите, а освен што пиеле 40 чаши ракија и саделе 40 корења во нивата.

Во Кумановско, пак, како што запишал Велимир Николов на овој ден ништо не се садело зашто немало да никне 40 дена.

На овој ден интересни обичаи се правеле во Штип. Александар Донски пишува дека во овој град луѓето оделе на Исарот од каде што секој фрлал по 40 камчиња кон Брегалница, а дома правеле 40 теганици за јадење.

Денот на пролетната рамнодневница според многумина е вистински почеток на пролетта. Оттука и обичајот да се јаде нешто зелено (зелен ручек) со што се означува сиромашкото лето, период во кој, како што се вели, не се умира за храна, зашто таа може и на трн да се најде.

Денес, многу од овие обичаи се заборавени. Но, сепак, празникот Младенци е целосно посветен на младите, на младоста и љубовта, и со него се поврзани многу желби за среќен брак и убава иднина. Од понов датум е обичајот на Младенци да се оди на гости и да се носат подароци кај младите што стапиле во брак меѓу двата празника.

Сподели.


Коментарите се затворени.