петок, април 19, 2024
spot_img
ПочетнаШтип NewsТажна приказна на поранешната наставничка по македонски јазик Мира Атанасова 
spot_img

Тажна приказна на поранешната наставничка по македонски јазик Мира Атанасова 

Мира Атанасова имала турбулентен живот. Денес, таа е осамена без ниеден роднина или пријател. Потекнува од добро ситуирано семејство, кое одлучува во животот да има само едно дете за да му обезбеди сè. Растена е и галена, посебно од страна на мајка и, која работела и неколку работи, само на Мира да не и фали ништо. Подоцна, Мира станува и академски граѓанин, добива работа како наставник по македонски јазик во основно училиште. Но, после смртта на родителите, кога поради долг за струја одлучува да го продаде станот на родителите и да земе помала гарсоњера, тоа и нема баш да се покаже како паметна одлука. Мира, наивно и детски им верува на погрешни луѓе кои ќе ја прелажат и измамат, и ќе ја доведат до просјачки стап. Таа останува и без пари и без стан. Луѓето кои ќе ја искористат нејзината наивност ќе ја тепаат и малтретираат до непрепознатливост оваа некогашна наставничка. Денес, таа нападната и од болести, принудена е дури и да проси само за да го преживее денот. Често нема што да јаде, не може да си купи лекови, а најмногу ја боли осаменоста и тоа што нема пријатели од кој би добила поддршка и убав збор. Да може мајка ми од негде да ме види во ваква состојба, сигурно ќе се превртува во гробот-вели таа. Најмногу жали во животот, што никогаш не создала семејство, кое сигурно, денес да го имаше, сега би и помогнало за да преживее.

Мира од Штип е осамена жена која нема никој свој. Мајка и татко и со цел да и обезбедат убав и пристоен живот, ќе одлучат таа да биде единец во семејството. Ќе и обезбедат и високо образование. Таа се вработила како наставник по македонски и српски јазик. Дел од животот ќе го мине и како библиотекар во училиштето. Но, нејзиниот кошмар ќе започне кога на 48 годишна возраст ќе ја изгуби мајка си, па, за да ги намири долговите за струја, одлучува да го продаде семејниот стан чија процедура нема да оди како што таа замислила. Така Мира останува измамена и исфрлена на улица.

На улица, Мира почнала да се храни во една народна менза, каде ќе продолжи нејзината голгота. Тука, луѓето што ја држеле таа менза ја тепаат и малтретираат, и ја земаат платата за сите месеци додека живеела кај нив, а подоцна ќе ја бркаат на улица, само со облеката што била на Мира.

– Моите ми понудија сè, и не смеам да се пожалам дека во детството и младоста бев страдна за нешто. Но, денес да може мајка ми од некаде да ме види, сигурно ќе се превртува во гробот. Таа работеше и по неколку работи само да ми обезбеди сè. Бев нахранета, облечена, најдотерана во градот. Но, после нивната смрт одлучив да го продадам семејниот стан и да го платам долгот за струја. Бидејќи знаев дека нема да основам семејство си реков, ќе си купам гарсоњера и со остатокот од парите ќе живеам пристојно. Но, очигледно верував на погрешни луѓе.

Пријателка ме прележа, па, ме остави и без пари и без стан. Така исфрлена бев во една народна кујна да се хранам за да преживеам, а тие сопружници знаејќи дека земам професорска плата ме примија кај нив. Но, и таму преживував вистински хорор. Ме тепаа, ме газеа, ме чекаа после работа за да ми ја земаат платата. Па, еден ден излегов од училиште и побегнав од кај нив-раскажува за својата голгота оваа поранешна професорка.

Вака Мира живее од 2004 година, од стан во стан, со долгови и кредити, опкружена секогаш со погрешни луѓе. Сама и разочарана. Денес и болна и беспомошна, таа за да преживее принудена е да проси.

– Многу долго живеам вака. Земам пензија, но, за да преживеам бев принудена да земам кредити на кои им се накалемија камати, па, сега платата ми е однапред изедена од тие камати, кирии, сметки. Ми остануваат само две илјади денари. Што можете да направите со тие пари за да преживеете. Принудена сум и да просам. Па, еден ден додека одев да заработам за леб, ме испокасапија кучиња по нозете. И, така имав рани по нив од шеќерната болест, сега и кучињата ме дораспарчија. Има денови и кога ништо не јадам-вели Мира.

Да имав семејство се ќе беше поразлично. Барем децата и внуците денес ќе ме гледаа. Вака, сама сум на сиот свет. Немам поддршка, немам рамо за плачење, немам ништо. Многу сум осамена и тажна-вели тетка Мира.

Доцна е за да се врати времето. Доцна е за да се поправат грешките од минатото. Но, за убав збор, топол поглед, рака за спас, чинам никогаш не е доцна. А, тоа на Мира во моментов и е и повеќе од неопходно.

Сите што сакате да помогнете на ова семејство тоа може да го направите на следниот телефонски број 070/472054 или на следната жиро-сметка 210501556924545.

Автор Оливера Петрушевска Приказна.Мк

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
Google search engine
spot_img
spot_img

ПОСЛЕДНО ОБЈАВЕНИ