Возење по снег: Што да се знае, што да се прави, а што да не се прави

0

Првите поголеми снежни врнежи се сигнал за сите учесници во сообраќајот дека треба да се префрлат во зимски мод на размислување. Иако зимите се нешто поблаги, а снег помалку од порано, возачите во текот на годината ги очекува неколку месеци возење во отежнати, зимски услови на кои треба да се прилагодат.

Клучно нешто треба да биде знаење и внимателност, а не страв. Но, пред се, неопходно е вашиот автомобил да биде соодветно опремен за снег.

Гумите се задолжителен дел од опремата на автомобилот, но не се единствена работа која ви е неопходна за да тргнете на пат по снег, пишува белградски Б92.

Добри брисачи и течност за перење на шофершајбната која не замрзнува кога температурите се под нулата, еднакво се важни прегледност во возењето. Водете сметка секогаш да имате доволно течност во багажникот, а ако одите на подолг пат земете со себе резервно пакување, може да ви затреба по пат.

Метличка или четка со која ќе ги чистите наслагите од снег од паркираниот автомобил исто така спаѓа во списокот на работи кои мора да ги имате, исто како и стругач за мраз.

Кога очекувате да врне снег преку ноќ, овие две алатки можете да ги чувате дома, за наутро пред да влезете во автомобилот прво да го исчистите снежниот нанос, а потоа да ја отворите вратата на возилото.
Во секој случај, пред возење задолжително исчистете го целиот снег од вашиот автомобил. И од покривот и од хаубата и од страничните стакла и од регистарските таблички.

На тој начин ќе спречите снегот да паѓа во текот на возењето на шофершајбната на вашиот автомобил, но и нема да ги засипува другите возила кои се движат зад вас и да им попречи на другите возачи.

Внатрешната површина на прозорите во автомобилот задолжително одмаглете ги пред да возите. Совет е топлиот воздух од вентилацискиот систем да го насочите и кон шофершајбната, стаклената површина да остане топла во текот на возењето.

Активирање на клима уредот додека е вклучено греењето најефикасно ги одмаглува стаклата. Ако вентилацијата не може да го одработи тоа до крај, погрижете се во автомобилот да имате сува чиста крпа за да ги исчистите деловите од стаклата кои и понатаму се замаглени.

Проверете дали брисачите се залепени за шофершајбната од мразот кој се создал меѓу две возења, исто така не ги користете додека на стаклото има мраз. Тоа е погубно за брисачите.

Долгорочно изложување на многу топол воздух во возењето ќе ве направат поспани и деконцентрирани па повремено отворајте ги и затворајте ги прозорците за да го проветрите автомобилот и да ја задржите концентрацијата и будноста во возењето.

Рецепт за безбедно возење по снег – без брзање и нагли движења

Снег на патот бара од возачот да се прилагоди на новите услови на возењето, но и да го промени начинот на размислување. Златно правило е да не правите нагли движења и маневри.

Важно е и да не се движите брзо, т.е. да возите побавно од возење на пат на кој нема снег.

На пат понекогаш ќе наидете на посебни сообраќајни знаци за ограничување на брзината, кои важат само во случај на снежни врнежи на патот. Кога ќе видите таков знак, задолжително прилагодете ја брзината на возилото на бројот кој го пишува на знакот.

Секогаш држете безбедно растојание во однос на возилото пред вас, во надеж дека на истиот совет ќе се придржува и возачот кој е зад вас.
Исто така, кога ќе падне снег повеќе не можете да возите во ист степен на преносот, во кој сте возеле по суво. Посебно кога свртувате или поминувате низ раскрсница во вакви тешки услови.

Генерално, совет е рачката од менувачот во текот на возењето да ја ставите во пониска брзина, со што подобро ќе маневрирате во тек на промена на правецот.

Што вели науката?

За возилото да се однесува како што очекувате од него, да сврти кога го вртите воланот во саканата насока или да запре кога ќе стиснете на сопирачката, пресудно е да се има зимски гуми.

Со оглед дека контактот на автомобилот со патот се остварува преку гумите, триењето меѓу гумите и асфалтот е клучен фактор во процесот на возењето.

Коефициентот на триењето може да се движи од 0 (кога триење меѓу два објекта воопшто не постои) до 1 (означува максимално можно триење). Квалитетните автомобилски гуми во контакт со целосно сув асфалт имаат коефициент околу 1.

Кога истите тие гуми се движат по влажен пат, коефициентот веќе паѓа на 0,7, што не е премногу опасно, но бара зголемена внимателност во возењето.

Меѓутоа, на снег работите драстично се менуваат. Коефициентот паѓа на само 0,15, а во случај на мраз на само 0,08.

Тоа значи дека триењето во зимски услови на возење (снег или мраз) е 10 пати помало од триење при возење по сув асфалт и на температури кои се многу над 0.

Кога сме вооружени со теоретско знаење, време е да прејдеме на пракса

Како што веќе наведовме, при возење по снег важно е вртењето на воланот и притискањето на папучата за гас и сопирачките да го изведувате благо и одмерено.

При тргнување од место умерено додајте гас лесно притискајќи на папучата, додека не почуствувате дека возилото се покренува од место и дека тркалата имаат добар контакт со тлото.

Ако поради снежната покривка не можете да тргнете, обидете се наизменично да ја ставата рачката на менувачот во прва брзина и во рикверц, поместувајќи го возилото помалку напред-назад, се додека не се извлечете од снегот.

Намаленото триење меѓу гумите и патната подлога ќе предизвикаат подолг пат до запирање, па со сопирањето треба да се почне порано, применувајќи исто така помала сила на притисок на командата отколку кога возите по суво. На тој начин се избегнува и губење на контрола над возилото со нагло сопирање.

Треба да се има на ум дека додека застане возилото може да помине два, три па и пет пати поголема далечина од возило кога запира по суво.

Кога возите кон рид, обидете се рамномерно да држите гас и да не застанувате без потреба, бидејќи може да се случи повеќе да не можете да појдете напред. Ако автомобилот пред вас застане, водете сметка да му оставите доволно простор да може повторно да тргне, сметајте на тоа дека може да се случи да почне да се лизга и неконтролирано да почне да се движи наназад.

Престројувањето е многу незгоден процес по вакви тешки услови за возење, пишува Б92.

Иако знаат дека им е исклучително тешко да го запрат својот автомобил, некои возачи го занемаруваат тој факт и се престројуваат пред другите возачи како патот да е сув. Како знаат дека возачот на кој му го пресекле патот ќе биде во состојба да застане? Не знаат, затоа е важно секогаш да држите поголемо растојание и себе да си овозможите безбедно запирање.

Кога вие ја менувате сообраќајната лента, не правете нагли движења со воланот и не додавајте гас силно, бидејќи можете да ја изгубите контролата над возилото.

Во секој момент во тек на возењето, важно е да бидете целосно концентрирани и уште повнимателни од нормално, бидејќи возачките грешки на снег ретко простуваат.

Ако немате доволно искуство во возење по снег, побарајте празен паркинг или некоја друга рамна и пространа површина на која не се одвива сообраќај и нема други возила или пешаци во близина. Тука ќе можете да вежбате промена на правец, забрзување и кочење во снежни услови и да стекнете чувство како вашиот автомобил се однесува на снег.

Подгответе се за на пат: Очекувајте неочекувано

Во идеалниот свет, патните служби работат совршено и патиштата секогаш се исчистени од снег. Меѓутоа, иако службите се трудат да го исчистат снегот од патиштата што побрзо, понекогаш поради тешките временски услови или човечки фактор тоа е невозможно да се направи во краток временски период. Затоа, ако поаѓате со автомобил на пат по снег, задолжително информирајте се за состојбата на патниот правец по кој сакате да тргнете, но секогаш сметајте и на можноста состојбата во меѓувреме да се промени и да се влоши.

Бидете подготвени на тоа дека во автомобилот можеби ќе поминете подолго време од планираното, наполнете го резервоарот до врв, за да имате доволно гориво за работа на моторот во место и греење во случај на застој.

Истото важи и за вашиот мобилен телефон, наполнете ја батеријата до крај пред да појдете на пат. Понесете доволно течности и нешто храна за секој случај, но не е на одмет да имате и ќебе во возилото.

Сподели.


Коментарите се затворени.

Feedback

FLYERb