Маргализиран Дедо Мраз, Апатичен народ

0

Подароци и желби, поглед во небото – неприкосновена човекова желба да наредната биде “поубава” . Работите почнуваат да се менуваат денот кога сфаќаш дека не постои воопшто некој си човек во црвени панталони , румени образи , бела брада во комбинација со неодолива насмевка , кој чека да ти ги исполни желбите. Возрасниот свет го именувал како Господ а на тлото помеѓу некои се решиле да бидат на себеси , Дедо Мраз.

Таквите Дедо Мразовци во Македонија : две страни на истата паричка. Предмет на воодушевување , внатрешна а туѓа сатисфакција со аспирација да се биде ист , да се придружи и нешто да промени. Зошто желбата останува само аспирација ? Потенцијална реалност дефинирана како далечен сон . Секојдневна можност како дијаметрала на вечно пролонгирање.

Страотни соочувања би доживеал “вистинскиот” Дедо Мраз тука , не знам ни дали да му звониме.Како би излечил ваква рамнодушност , апатија , чудна аверзија кон промена? Би ги лечел , зашто луѓето што се одлучиле да бидат на себеси (а и за другите ) свој Дедо Мраз , тоа го посакуваат за 2016 .Поголемо будење , повисока свест на народов .Интерес за нештата кои ни го исцртуваат нашиот и животот на нашите деца.

Мора да е исцрпувачки да извршуваш таква функција. Фасцинантна енергија! Чиниш , помило ќе им е да наидат на отпор , отколку рамнодушност . Оти , е тоа чувство неколку скалила над најлошото.Антоним на љубовта не е омразата , индиферентноста е . Зошто сограѓаниве хронично страдаат од истата ?

Види ги лудаци Дедо Мразовциве на санките место таблички ставиле натпис : “Извинете , се обидуваме да го промениме светот”. Ставиле оти знаат , ќе налетаат на луѓе тотално неинформирани за нивната кауза , за непресушната борба во нивниот здив во овие студени , магливи и мрачни зимски ноќи , за топлината револуционерна што извира со секоја наредна акција.Обид.Уште еден. А од другата само едно , МОЛК. Инаку,иста е странава . Исти се и страдањата…

Тенка е границата помеѓу лудоста и генијалноста , упорноста и здодевноста но уште потенка , за восхит е границата на која живеат овие Дедо Мразовци . Граничат со наведнати глави , конзерва убедувања , сервирани туѓи ставови – катаден разочарувања и најлошата од сите , индиферентноста. Овие борци ! Овие прекрасни разумни луѓе , кренати на одговор против општествената деградација , уморни , истоштени под барјакот на сите оние гневни од квази реформи , фризирања на историја и процеси на хиперпродукција. Светот можеби не е фабрика за исполнување на желби , но Македонија е сигурно фабрика за хиперпродукција на оштетени млади личности.

А како поинаку да тероризираш млад ум , туку да го искомплексираш фаворизирајќи и воздигнувајќи способности за меморирање над интелект ,начитаност и вистинско знаење. Како поинаку професорот да го бирократизираш до степен понижување од кое нема назад , преоптеретувајќи го со административна работа за да воопшто не му преостанува време да го работи она за кое живее , да едуцира млад ум ширејќи ги неговите хоризонти и успевајќи во единствената мисија – самиот тој да поставува и да ги одговара , прашањата за светот околу себе. Оти само инвестирајќи во капацитети на млади луѓе , развивајќи и подржувајќи ја нивната здрава и критичка мисла – можеме да се надеваме воопшто , на иднина спротивност на колективната пасивизација која завзема хроничен замав.

Види ги бе будали.Абе човек што можеш да смениш , ќе спијам на протест ќе одам пфф. Мал милион слични аргументации и бесцелни оправдувања и најдоброто од сите – “Брат , не ме интересира политика”. Македонскиот синдром лежи токму во апатијата на неговиот народ , несфаќањата дека токму тој што ги носи промените – збунетоста дека сами сме одговорни за политиките кои ги живееме. 2015 беше прекрасен прекин на една монотонија , една крвава но разбудена пролет , пред која предстојат огромни напори , оти плевелот тешко се отстранува.

Во што се претвори бркањето на европскиот воз? Перманентни проблематики , наша копија на Гордиеви јазли кои очекуваме да ги отплетка некој однадвор. Фингирани ситуации и нереални победи .Опструкција на слободоумие , силување и сквернавење на малкуто вредно што остана. Народов сеуште има потенцијал да ги истрпи случувањата , молкум да следи силување на она за што некој претходно се борел и да верува дека тукутака , од небо ќе падне промена и сите ние ќе живееме среќно до крајот на животот. Туку , разбуди се!

И најборбените стануваат хронично уморни . Дедо Мразовците овде , хронично се уморни. Се плука по нивниот дигнитет , маргинализирани се и навредувани – на моменти чиниш воопшто непосакувани личности. Се плука по нивните макотрпни напори да бидат блесок сончев во ова мрачно , колективно пасивно општество кое работејќи деноноќно – го испушта возот кој носи промена . Затоа – утрешните станици , сите тие ќе бидат погрешни. Но таквите Дедо Мразовци се тука!Неоспорив факт претставува нивното постоење а уште поголема почит заслужува нивната храброст , да се продолжи и да се биде истраен во борбата , оти заслужуваме подобро !

Среќна Нова 2016 на сите вакви Дедо Мразовци ,непознати херои , оние доволно луди што мислат дека можат да го променат нашиот мал универзум – бидејќи отсекогаш , само тие и биле храбри носители на промената . Вие сте светлина во темните , надвиснати облаци над една унакажана држава , зрак кој посакувам да стане сонце големо . Зошто слободата и демократијата се многу повеќе , од само можност да бидеме подобра верзија на себеси. Ве сакам.

За останатите пардон , мислев Среќна Нова 1984 .

извор: www.fakulteti.mk

Сподели.


Остави коментар