Девет бон-тон правила за во теретана

0

  Теретаната е едно од местата кадешто многумина одат да се релаксираат, да ги заборават работните проблеми и да направат нешто за себе. Исто како и на секое друго место, постојат одредени непишани правила и бон-тон кои треба да ги следиме кога сме во теретана, доколку не сакаме негативно да се истакнеме. Прочитајте што треба, а што не треба да правите.

1. Користете по една справа
Едно од најлошите нешта што можете да ги направите во теретана е да започнете со вежбање на една справа, потоа веднаш да се префрлите на следната, па на следната итн. Луѓето кои подолго вежбаат таму следат одредена програма за вежбање и нормално е дека ќе бидат иритирано доколку сите справи постојано се зафатени. Вежбајте на една справа подолго време – така и Вашиот тренинг ќе биде поефективен.

2. Избришете ја опремата откако ќе завршите
Доколку се потите многу, избришете ја површината што сте ја допирале на справата за време на вежбањето. Воопшто не е пријатно кога треба да ја избришете справата од туѓа пот, па затоа не им го правете тоа на другите. Дополнително, голем број болести и бактерии се пренесуваат низ потта, па затоа секогаш носете крпа со Вас.

3. Туширајте се пред одење во теретана
Многу е непријатно откако по напорна вежба ќе се исправите за да земете здив и некој ја подига раката близу до Вас и испушта неподнослива миризба. За да не бидете еден од оние луѓе на коишто им кажуваат дека мирисаат лошо, туширајте се пред одење во теретана и секогаш користете дезодоранс.

4. Не бидете прегласни
Теретаната не е место кадешто очекувате потполна тишина, но кога зборувате со некого, гледајте тој да е блиску до Вас. Малку е тешко да се концентрирате на дигање тегови кога некој веднаш до Вас одеднаш ќе почне да вика на цел глас и да раскажува како си поминал за празниците или пак каков автомобил купил.
Ако морате да зборувате, правете го тоа тивко, особено ако зборувате за некој што тукушто влегол во теретаната.

5. Не флертувајте со секоја жена во теретаната
Можеби ова ќе Ве изненади, но најголем број од жените одат во теретана за да вежбаат. Доколку таа има ставено слушалки или пак чита нешто, тоа е знак дека не е заинтересирана за Вашите реплики. Дополнително, имајте на ум дека таа можеби е во врска со некој од огромните типови кои дигаат тегови и кој нема да биде воодушевен што сте ѝ се пуштиле на неговата девојка.

6. Не му пречете на некој што вежба пред огледало
Многумина мислат дека огледалата во теретаните служат за да можеме да се восхитуваме со сопствените тела. Всушност, тие имаат многу важна улога – овозможуваат да видите дали правилно ја изведувате вежбата. Затоа, не поминувајте и не застанувајте пред некој што вежба пред огледало.

7. Одберете погоден момент за поставување прашања
Голем број од луѓето во теретана со задоволство би Ви покажале како се користи некоја справа или пак како се изведува некоја вежба правилно. Но, барем почекајте човекот до Вас да си ја заврши вежбата пред да го нападнете со прашања. Од друга страна, постојат и луѓе кои доаѓаат само за да вежбаат и не сакаат интеракција со никого. Доколку не Ви одговорат на прашањето, не настојувајте.

8. Не ги фрлајте теговите на подот
Некои луѓе откако ќе завршат вежба со тегови, сакаат да ги фрлат на подот. Не само што звукот што се создава ја нарушува концентрацијата, туку со ваквото однесување можете да повредите некого.

9. Не им додевајте на големите момци
Бодибилдерите и луѓето со совршено дефинирани мускули мразат кога некој ќе им постави прашање какви стероиди користат. Сите претпоставуваат дека ако некој има толкави мускули, мора да користи нешто забрането. Немојте да бидете изненадени кога некој што работел напорно за да изгледа така како што изгледа, ќе се навреди од Вашето прашање или пак ќе се обиде да Ве посрами.

Сподели.


Коментарите се затворени.

Feedback

FLYERb