Приказната за Масабуми Хосоно: Бил единствениот Јапонец на Титаник, а неговиот најголем срам е тоа што преживеал

0

Честа, должностa и срамот се трите особини кои со векови се длабоко вкоренети во јапонската култура – помислете на самурајски воин кој ја губи честа.

Тој може да си ја поврати само доколку си го одземе животот на прилично брутален начин, со извршување на харакири. Ваквиот чин се доживува како херојски начин на умирање, дозволувајќи му на воинот да ги отстрани сите траги од срам што биле поврзани со неговото име.

Концептот на срам се наоѓа во самото јадро на јапонската култура и не може да исчезне се’ додека личноста не го направи она што заедницата го очекува од него. Тоа очекување често се состои од драстични мерки како одземање на сопствениот живот.

Овој факт нè доведува до случајот со Масабуми Хосоно, чиј срам во контекст на неговата родна култура било тоа што се нашол на Титаник ноќта кога бродот потонал. Како што говорат податоците, Хосоно бил единствениот патник од Јапонија на Титаник и тој успеал да ја преживее една од најголемите поморски трагедии на сите времиња.

Масабуми Хосоно работел во јапонското министерство за транспорт и пристигнал во Англија по работата во Русија, каде имал задача да проучи како оваа земја раководи со железниците. Масабуми купил билет за втора класа во познатиот Титаник и планирал да се врати дома.

Ноќта кога се случила трагедијата, Хосоно бил во длабок сон. Гласното тропање на вратата го разбудило од сонот, по што тој брзо истрчал надвор. Екипажот го упатил на некои од пониските палуби на бродот, кои биле далеку од чамците за спасување.

“Не оставам ништо срамно зад себе”

Застрашувачкото искуство е опишано во писмото кое го напишал за својата сопруга, а во извадоците кои се објавени во енциклопедијата за Титаник, пишува дека во еден момент тој “не можел да го победи чувството на страв”.

Во своето писмо, Масабуми навел дека психички се припремал за последниот здив, надевајќи се дека “како Јапонец не остава ништо срамно зад себе”. Но, тој не се откажувал и како и сите други барал излез за да си го спаси животот.

Тогаш во еден момент, еден од офицерите кој бил задолжен за бродовите за спасување кажал дека има уште две слободни места. Масабуми забележал како еден човек скокнал во бродот, а веднаш по него скокнал и тој.

Кога пристигнале во Њујорк на почетокот не му се обрнувало големо внимание, но кога стигнал во Јапонија, во весниците пишувало за него како „среќниот Јапонец“. Тој давал изјави, интервјуа и неговите фотографии кружеле по весниците, меѓутоа работите набрзо започнале да се влошуваат откако Америка почнала да упатува критики на негова сметка.

Арчибалд Грејси, кој исто така ја преживеал несреќата го нарекол “слеп патник”, а потоа почнале и критиките од јапонските медиуми, јавно осудувајќи го за неговата себичност – тој се извлекол додека многумина исчезнале во океанот.

По ваквиот скандал, Масабуми бил отпуштен од министерството, а врз неговото семејство паднал најголемиот камен – срамот. Професорите го опишувале неговото дело како неетичко. По неколку години Масабуми повторно бил вработен во министерството бидејќи сметале дека бил вреден и квалификуван работник, но срамот се’ уште го прател неговото смејството.

Дури и по неговата смрт во 1939 година, неговото семејство уште било под притисок поради фактот што Масабуми го посрамотил презимето. Емотивното писмо го објавил неговиот внук, музичарот Харуоми Хосоно, во време кога филмот за Титаник почнал да се прикажува во кино-салите ширум светот. Со тоа, тој сакал да докаже дека тој бил добар човек кој како и сите други се плашел од смртта.

Сподели.


Коментарите се затворени.

Feedback

FLYERb