Откриени остатоци од пингвин со човечка големина

0

Во Нов Зеланд се откриени фосилни остатоци од пингвин со големина на човек, соопшти новозеландскиот национален музеј Те Папа.

Научниците тврдат дека ова откритие ќе го промени мислењето околу еволуцијата на птиците.

Фосилот бил пронајден во карпа за која се проценува дека е стара меѓу 55 и 60 милиони години. Алан Тенисон, истражувач и кустос од новозеланадскиот музеј, го открил првиот дел од скелетот во 2004 година. Меѓутоа, за извлекување на коските кои формираат некомплетен скелет, тој морал да почека до 2015 година, кога била достапна технологијата за вакво нешто.

Врз основа на големината на коските, научниците проценуваат дека пингвинот бил висок 165 центиметри, што е просечна висина на човек, и дека имал 100 килограми.

Денешниот највисок пингвин, царскиот пингвин, висок е 110 сантиметри и тежок 23 килограми.

Тенисон изјавил дека тој фосил има огромна глобална важност бидејќи доаѓа од доба по изумирањето на диносаурусите и покажува дека џиновските пингвини биле меѓу првите кои се развивале.

„Ова досега беше непознато“, изјави Тенисон.

Новиот вид бил наречен „Kumimanu biceae” или во превод „птица-чудовиште’’ поради нејзините димензии.

Овој проект во кој биле вклучени научници од Нов Зеланд и Германија е објавен во онлајн списанието “Nature Communications”.

Сподели.


Коментарите се затворени.