Улоги од кои актерите никогаш не се опоравија

0

Во новиот документарен филм на Netflix, насловен „Jim & Andy: The Great Beyond“, Џим Кери зборува како никогаш не успеал „да се врати“ по улогата на Енди Кауфман. По тој повод, еве уште неколку актери кои тотално се изгубија во своите улоги.

Џим Кери вели дека не чувствува каење, туку е само љубопитен каде би завршил доколку не ја прифатил улогата на Енди Кауфман.

„Тоа е ефектот на пеперутката. Којзнае каде ќе бев јас и каде ќе ми отидеше кариерата ако не ја прифатев оваа улога“, рече Џим Кери неодамна.

Тој комплетно се „претопи“ во улогата на Енди Кауфман, но тоа остави видлив траг на него, посебно психички. Никогаш не се опорави од тие неколку месеци во кои методично ја проучуваше улогата на Кауфман и сега, 18 години подоцна, вели дека сѐ уште не знае кој е тој вистински.

Еве уште неколку примери на актери кои го направија истото:

Мартин Шин во „Apocalypse Now“ (1979)

Мартин Шин едвај го преживеа снимањето на ремек-делото на Френсис Форд Копола, „Apocalypse Now“. Неколкупати имаше сериозно повреди, еднаш дури и си ја пресече раката ширум отворена, а преживеа и срцев напад за време на снимањето. Тоа остана и неговата најдобра улога досега, и сега, на 77-годишна возраст тој вели дека секој ден се навраќа на случките од снимањето на овој филм.

Шели Дувал во „The Shining“ (1980)

„Скоро неиздржливо беше да се издржи еден цел ден на снимање со Стенли“, рече актерката Шели Дувал, зборувајќи за искуството кое го имаше работејќи со режисерот Стенли Кјубрик на неговиот хорор-хит „The Shining“. Сите актери кои работеа на филмот сведочат за тоа каков однос имал Кјубрик со актерката, често викајќи ѝ, и терајќи ја да преснимува сцени (некои и по 127 пати) со цел да го добие перформансот кој го сака од неа.

Едриен Броди во „The Pianist“ (2002)

Броди се прегладнуваше себеси, ја откачи тогашната девојка, го продаде станот, ја продаде колата и целосно се посвети на депресивниот живот на ликот кој го толкуваше – Владишлав Шпилман. Трудот се исплатеше, бидејќи Броди доби Оскар за оваа улога, но веднаш потоа призна дека по снимањето на филмот почувствувал физичка и психичка болка, и дека гладот му предизвикал депресија која на моменти била неподнослива.

Џенет Леј во „Psycho“ (1960)

Џенет Леј остана запаметена по својата улога во култниот хорор „Psycho“ на Алфред Хичкок. Но, колку што филмот ја направи популарна, двојно повеќе ја оштети актерката, која до крајот на својот живот не престана да се плаши од тушеви. Леј немаше ниту една улога вредна за паметење по овој филм, па и нејзината холивудска кариера беше ставена во втор план, зад историската сцена од овој филм.

Сподели.


Коментарите се затворени.

Feedback

FLYERb