Како да ја преживеете сезоната на слави?

0

Прославите на нашето поднебје се тесно поврзани со изобилство храна. Домаќините се трудат да ве пречекаат со полна трпеза, а веселбата не поминува и без алкохол.

За да ја „преживеете“ престојната сезона на слави без да се здебелите, следете ги овие совети. Уживајте во прославите со умереност и вашата линија ќе ви биде благодарна.

И сити и гладни

Треба да се трудиме нашата исхрана да биде балансирана, во хранлива вредност и во количина. Секако нема да може да им оддолеете на печените меса, домашните кифлички и торти, па направете место за нив во вашето дневно мени. Имајќи предвид дека славите се чекаат попладне или навечер, за да може да уживате во славската трпеза, вашите оброци претходно во денот треба да бидат полесни. За појадок изберете житарици со јогурт или кефир што ќе го подготват вашиот стомак за варење. За ручек изедете салата или оброк со зеленчук, а главното јадење оставете го за на слава. Во текот на денот изедете две порции овошје.

Од сѐ по малку

Сигурно не сакате да ја навредите домаќинката, па пробајте од сѐ по нешто, но во умерени дози. Во чинијата ставете помало парче месо, сарма или погача, само една лажица крем салата, скокнете ги ордеверите со сувомеснати производи и не заборавајте да пиете многу вода.

Ако сепак се прејадете

Едно правило што мора да го испочитувате е да престанете со јадење два часа пред да легнете на спиење. Не е лошо да направите една прошетка од најмалку половина час по обилното јадење. Ако сакате да се напиете кафе по славската вечера само заменете го шеќерот со засладувач и не додавајте млеко.

Сподели.


Коментарите се затворени.

Feedback

FLYERb