BBC во нуклеарниот бункер на Тито: Наизглед обична босанска куќа, а всушност најголема тајна на Студената војна

0

“Наизглед традиционалната босанска куќа во близина на Коњиц, всушност е влез во една од најголемите тајни од времето на Студената војна – нуклеарниот бункер на Тито” – така започнува репортажата на “BBC” за најголемата инвестиција на поранешна Југославија.

Бункерот на Тито, сокриен под планината Златар во близина на Коњиц, во централниот дел на Босна и Херцеговина, бил чуван во тајност со децении, а денес е отворен за јавноста и претставува една од најнеобичните уметнички галерии на светот.

Во неговата изградба биле вложени 4,6 милијарди долари, а граден бил во периодот меѓу 1952-та и 1979-тата година, со клучна намена да се сокрие тогашниот претседател Тито, неговата сопруга, и неговите 350 најблиски соработници во случај на нуклеарна катастрофа, од што тогаш се плашел целиот свет.

Бункерот бил чуван во тајност се до 1992-та година, кога го открила босанската војска, која исто така продолжила да го чува во тајност уште некое време.

Откако бил отворен за јавноста, станал една од најпопуларните дестинации, не само за туристите, туку и за вљубениците во модерната историја на Студената војна, се наведува во репортажата.

Оваа градба не е само пример за перфектно сочуван дел од историјата, туку станала и една од најинтересните уметнички галерии на светот воопшто, прикажувајќи работи кои го опишуваат животот во поранешна Југославија и промените кои довеле до нејзиниот распад.

“Моментално во бункерот имаме 137 уметнички дела од 106 уметници. Повеќето, поточно 76 од тие уметници своите дела ги претставиле на биенале во Венеција со голем успех, поради што многу експерти ја прогласија нашата колекција за највредна во југоисточна Европа”, рекол за BBC главниот водич во некогашниот бункер на Тито, Мирнес Бајиќ.

Тој оценил дека уметничките дела поставени во бункерот се “провокативни за посетителите”, не само поради тоа што можат да ја видат историјата, туку поради фактот што делата ги наведуваат да размислуваат за современиот момент, но и за иднината.

Сподели.


Коментарите се затворени.