Сè за крвникот од Њујорк: Сакал деца и никогаш не се сликал! Имал напади на бес кои биле предзнак за масакрот?

0

Нападот се третира како терористички, но се верува дека Саипов е “волк самотник”, односно не е дел од поширока мрежа.

Осомничениот за нападот на Менхетн, во кој загинале осум лица, е од Узбекистан и се вика Сафуло Хабибулаевич Саипов. Има 29 години, во САД дошол илегално во 2010. година и имал иселеничка виза.

Американските власти соопштиле дека нападот го сметаат за терористички.

Осомничениот има возачка дозвола издадена во Тампа на Флорида, но инспекторите истражуваат дали живеел во Њу Џерси. Токму таму го изнајмил “пик-апот” со кој ги покосил луѓето.

Саипов “пик-апот” го изнајмил во околу 2 часот попладне по локално време. Еден час подоцна влетал во велосипедската патека во Њујорк, каде удрил голем број на луѓе.

Возел цели 14 блока пред да удри во училишен автобус, по што излегол од возилото со воздушна пушка и пиштол за “пеинт бол”. Полицијата го застрелала во стомак, но се очекува да преживее по операцијата.

Нападот се третира како терористички, но се верува дека Саипов е “волк самотник”, односно не е дел од поширока мрежа.

Очевидците навеле дека напаѓачот извикувал “Алаху акбар” пред полицијата да го рани и совлада.

Кој е напаѓачот од Узбекистан?

Работел како возач во компанијата “Uber” и ги минал сите проверки, навела таа такси компанија, која му помага на ФБИ во истрагата. Како што дознале, тој бил добар со деца, но не сакал да се слика.

Дилноза Абдусаматова раскажала дека Саипов првите две седмици по доаѓањето во САД живеел со нејзиното семејство во Синсинати, бидејќи нивните татковци биле пријатели, пренесува Washington Post. Нејзиното семејство изгубило контакт со него откако се преселил на Флорида, каде имал цел да отвори компанија за камионски превоз.

Продавачите од локалната продавница од каде купувал Саипов, го паметат како непристоен клиент, кој често ги напаѓал. Менаџерот на продавницата на Авенија Гети во Њу Џерси, бил познат по своето однесување.

“Секогаш кога доаѓаше беше непристоен или се расправаше со касиерите. Брзо се лутеше…Кршеше конзерви и други работи”, рекла една касиерка за New York Post.

Менаџерот, кој одбил да го каже своето име, рекол дека Саипов бил многу груб кон касиерите и ги нарекувал “необразовани”.

“Имав чувство дека имаше предрасуди кон продавачите, и без разлика дали беа покриени со хиџаб или не, тој ги малтретираше. Добро зборуваше англиски, но знаеше касиерките да ги нарекува глупави, бидејќи не ја скенираа робата правилно”, рекол менаџерот.

Саипов, кој се наоѓа во полициски притвор и се опоравува од раните кои ги добил кога бил застрелан од полицијата, редовно се расправал со касиерките и за цената на содата.

“Содата беше проблем. А често доаѓаше тука да ја купи. Ни правеше проблеми за пакување од 12 лименки сода. Тој секогаш имаше своја цена за содата. Тоа секогаш беше проблем”, истакнал менаџерот на продавницата.

Полицијата се сомнева дека негова последна адреса на живеење била Патерсон во Њу Џерси, каде се верува дека го изнајмил “пик-апот” и го оставил своето возило.

37-годишниот Кобилјон Маткаров од Охајо, рекол дека со Узбекистанецот се запознал пред пет години на Флорида и дека се поврзале поради заедничкото потекло. Рекол дека тој сигурно не е терорист, туку среќно оженет татко кој ја сака Америка.

“Беше добар човек, пријателски настроен…Ми беше како помал брат, а тој ме гледаше мене како постар брат”, рекол Маткаров за New York Post.

Тој кажал и дека Саипов бил добар со деца.

“И моите деца го сакаа, секогаш си играше со нив. Но, кога еднаш го замолија да се сликаат, тој ги одби. Тој е таков, кажа не”, рекол неговиот пријател, кој е шокиран дека токму Саипов го извршил нападот во кој убил осум лица.

Сподели.


Коментарите се затворени.