Роботи наместо луѓе: Пристигнуваат во маркетите на американскиот гигант

0

Иако од „Волмарт“ тврдат дека роботите нема да ги заменат луѓето, некои работи во маркетите, наместо луѓето, сепак ќе ги извршуваат токму роботите.

Најголемиот малопродажен ланец на светот наскоро во своите маркети ќе започне со тестирање на роботи кои што би требало да помогнат во следењето на состојбата на залихите на полиците и така да реши еден од проблемите поради кој „Волмарт“ годишно губи до 3 милијарди долари.

Имено, од оваа компанија проценуваат дека токму тоа е цифрата која што ја губат поради тоа што во одреден период од денот, одредени производи ги нема на полиците, па ќе биде интересно да се види дали роботите ќе го решат овој проблем.

На почетокот роботите ќе бидат задолжени за прегледување на полиците за прозводите кои што веќе ги нема на залиха, а ќе треба да ги проверуваат и ознаките на производите и да предупредуваат за погрешни етикети или погрешно напишани цени. Кога роботот ќе детектира проблем, веднаш ќе ги извести вработените кои што веднаш ќе ги наполнат празните полици или ќе ги променат погрешните етикети или цени.

„Волмарт“ и досега тестираше роботи во три американски сојузни држави, а сега е најавено тестирање на дополнителни 50 локации ширум САД.

Роботите нема да бидат хуманоидни, туку ќе бидат роботи кои што се состојат од база за движење и „кула“ на која што ќе има камери со кои што ќе се скенира ситуацијата на полиците. Од „Волмарт“ тврдат дека роботите нема да ги заменат луѓето, односно луѓето нема да ги загубат работните места поради роботите.

„Ова е само еден од примерите на кои што начинот на користење на технологијата може да им заштеди време на нашите вработени, но и на нашите купувачи“, порачаа од „Волмарт“.

Сподели.


Коментарите се затворени.