Физичарите од CERN: Новите истражувања покажаа дека вселената не би требало да постои

0

Научниците од најпознатиот институт на светот – “CERN”, неодамна објавиле дека уште еднаш безуспешно се обиделе да решат една од најголемите енигми на современата физика – зошто вселената во која живееме постои, кога според се што знаеме, материите и антиматериите во неа би требало меѓусебно да се поништуваат.

Според прифатениот стандарден модел на физиката, во големата експлозија требало да настанат еднакви количини на материи и антиматерии. Но, тие меѓусебно требало да се поништат, освен ако не се разликуваат по нешто што би овозможило нивниот развој да биде асиметричен. Со оглед на тоа дека тоа очигледно не се случило, научниците претпоставуваат дека меѓу материите и антиматериите би морало да постои некоја разлика која преовладувала над некоја друга, која, како што изгледа, целосно исчезнала од нашата вселена.

Физичарите досега се обиделе да пронајдат асиметрија во масите, во електричниот набој и во спинот на честичките, меѓутоа тоа не им тргнало од рака. Минатата година на експериментот “ALPHA” во “CERN” научниците прв пат истражувале атом на антиводород со помош на светлина, меѓутоа ни во него не успеале да најдат никаква разлика во однос на атомите на водородот.

Пронашле некоја разлика во распадот на некои видови мезони, но тоа не е доволно да се објасни толкавата разлика во доминацијата на материите над антиматериите.

Последно неистражено својство

Сепак, едно клучно својство на елементарните честички останало неистражено – магнетскиот момент на антипротоните.

Стефан Улмер и неговите соработници во рамките на колаборацијата на “BASE” пред 10 години одлучиле да го мерат магнетниот момент. Прво морале да развијат начин со кој директно ќе го измерат магнетниот момент на обичниот протон. Откако тоа им тргнало од рака во 2014-тата година, следниот чекор бил мерење на моментот на антипротонот, што било многу тешко, бидејќи тој се поништува кога ќе дојде во контакт со материја. За да го изведат тоа, ја користеле најстудената и најдолговечната антиматерија некогаш создадена. Откако во 2015-тата година создале антиматерија, успеале да ја стават во посебен сад со големина и облик на кутијата на чипсот “Принглс”. Таму ја чувале заробена повеќе од една година, со помош на магнетски и електрични полиња. Тоа им овозможило мерење на моментот на антипротонот.

Во тој експеримент, претставен во престижното списание “Nature”, тимот на “BASE” направил досега најпрецизни мерења на магнетниот момент на антипротони во кои било истражено како таа честичка на антиматеријата реагира на магнетна сила. Резултатот покажал дека изнесува −2.7928473441 μN, што е во целост истиот износ како кај протонот, освен што е во негативен предзнак.

“Сите наши истражувања утврдија целосна симетрија меѓу материите и антиматериите какви не би смеело да има во вселената”, рекол Кристиан Смор, физичар кој во “CERN” работи на експериментот на барионско-антибарионска симетрија.

“Некаде би морала да постои асиметрија, меѓутоа ние едноставно не разбираме во што е разликата”, додал тој.

Хрватскиот физичар Ивица Пулјак, кој и самиот учествува во работата на експериментите во “CERN”, вели дека прашањето зошто нашата вселена се состои само од материи, додека теоријата ни вели дека би требало да има иста количина антиматерии, е едно од најинтересните научни прашања на денешницата.

“Досега не успеавме да го одговориме, а овој нов резултат вели дека разликата меѓу материите и антиматериите не е во нивните енергетски својства”, вели за Index.hrхрватскиот научник.

“Како и секогаш во науката, од една страна сме незадоволни бидејќи не успеавме да го дознаеме решението на оваа мистерија, а од друга страна ова прашање ни претставува уште поголем предизвик”, додал Пулјак.

Свет на материи и антиматерии

Според се што денес знаеме, вселената е изградена од материи кои се состојат од елементи на честици како што се електроните, и од некои поретки честици како што се мион, тау и неутрино. Сите тие честици на фундаментално ниво се всушност побудувања во квантните полиња. За секоја честица постои античестица која е еднаква според се, освен по набојот или по спинот. Во склад со тоа, за секое побудување во квантното поле кое го претставува честицата, постои еднакво, но спротивно побудување во квантното поле кое го претставува античестицата. Кога тие побудувања ќе се сретнат, тие меѓусебно се поништуваат и создаваат чиста енергија.

Честиците на антиматеријата се поврзуваат заедно во атоми и молекули, исто како и честиците на материјата. Тие во сè се однесуваат исто како и честиците на материјата, што значи дека од нив би можело да настанат ѕвездите, планетите па и живите суштества. Според една хипотеза која настојува да го објасни мистериозното отсуство на антиматериите, постои можност тие да се наоѓаат во некој одвоен дел на вселената, изолирани од средбата со материите.

Сподели.


Коментарите се затворени.