Кит Харингтон: Плачев додека го читав сценариото за последната епизода на “Game of Thrones”

0

Мегапопуларната серија “Game of Thrones” до 2019 година ќе ја добие својата финална сезона со што ќе заврши возбудливата и крвава борба за престолот на Седумте кралства.

Ѕвездата на серијата, Кит Харингтон открил дека последната епизода го расплакала.

“Минатата недела дознавме што сè ќе се случува. Досега ништо не знаев. Плачев додека го читав сценариото за последната епизода. Осум години заедничка работа е позади нас и никој всушност не е врзан повеќе од нас за оваа серија”, вели Харингтон.

Водителот го прашал актерот дали бил емотивен поради крајот на серијата или поради она што ќе се случи во новите епизоди.

“Ова е институција во која сум најдолго од сите останати институции. Навистина ќе биде чудна наредната година кога ќе престанеме со снимање, а сите посебно ќе се сеќаваме на последните сцени. Не само што сте врзани за сето тоа, туку сте врзани и за мноштвото луѓе ширум светот”, одговорил Харингтон.

Иако тој не открил многу освен дека е запознаен со настаните во серијата, водителот бил упорен и уште еднаш го прашал за дејствието од финалната сезона.

“Ми рекоа дека не смеам да откривам кога го снимаме продолжението и да не се фотографирам во Белфаст. Не смеам ништо да откријам”, додал Харингтон на крајот на разговорот за “The One Show”.

Сподели.


Коментарите се затворени.