Лепа Брена го прегази Парни Ваљак за штипска Пастрмалијада

0

Лепа Брена го прегази Парни Ваљак за штипска Пастрмалијада. Според неофицијалните информации, дилемата на спонзорите била дали хрватската рок група или босанската поп-фолк пеачка ќе му донесат повеќе гости на Штип. На крајот, одлуката паднала на Брена.

Во трите вечери на штипскиот фестивал на пастрмалијата и пивото, ќе настапат вкупно девет главни изведувачи.

  • Ако изминатите години се концентриравме на еден главен изведувач, кој што е музичко име и кој што ќе носи гости, годинава имаме по три во секоја вечер, вкупно девет изведувачи, и сите тие се гаранција за голема посетеност на штипската пастрмалијада. Ако кажувам со статистички јазик, имаме тројца изведувачи од Македонија, тројца од Србија и по еден од соседна Бугарија, од Босна и Херцеговина и од Хрватска, изјави Драган Ристова, советник за односи со јавноста во о. Штип.

Првата вечер, на 15-ти септември, ќе настапат Сузана Спасовска и Академци, српската група Галија и бугарскиот бенд Кикимора. Втората вечер започнува со Есма’с Бенд, а потоа следуваат српската атракција Дивље Јагоде, за да кулминира забавата со Лепа Брена. Додека третиот ден, на 17-ти во недела, ќе настапат македонскиот бенд Тоа е Тоа, Тања Савиќ и хрватската пеачка, Јелена Розга.

  • Штип тогаш ќе го посетат можеби најмногу луѓе во исто време и на едно место. Проценката е некаде 50 до 60 илјади луѓе на вечер, со оглед на тоа дека веќе имаме големи најави од соседните држави, посебно од Република Бугарија, каде пројавуваат артисти кои веќе проструија дека ќе бидат учесници, кажа Кирил Панајотов, Одделение за јавни дејности при о. Штип.

Годинава угостителите се договориле дека ќе дадат се од себе квалитетот и грамажата на пастрмалиите да бидат максимално запазени, за да тоа не се одрази негативно над штипскиот бренд.

  • Пропорциите се 200 грама тесто и 150 грама месо, по цена од 120 денари. Цените се унифицирани за сите, како за питоколај, така и за пастрмалиите. Апелирам до сите угостители, да она што го договоривме на состаноците, околу грамажата и квалитетот да се придржуваат во текот на сите три дена. Да го испочитуваме тоа и да се промовираме во најдобар ред, категоричен е Емил Попадинов, угостител.

Инаку, според проценките на организаторите, во изминативме 11 години, штипската пастрмалијада ја посетиле над 1 милион гости од земјава и странство, на кои изеле над 500 илјади пастрмаjлии.

Сподели.


Коментарите се затворени.