ВИДЕО: ВАРДАР Е ВО ЛИГА ЕВРОПА! Фенер потопен во Истанбул за фудбалска историја!

0

Македонскиот фудбалски првак Вардар испиша фудбалска историја, откако во Истанбул го совлада големиот Фенербахче со 2-1 и обезбеди пласман во групната фаза на Лига Европа.

 

Со тоа, вардарци станаа првиот наш тим кој ќе игра во групната фаза во едно од натпреварувањата на УЕФА. Тимот на Чедомир Јаневски покажа карактер и успеа да победи пред 40.000 Турци, кои грмогласно го бодреа, но потоа и го исвиркаа својот миленик. Противникот во ЛЕ, Вардар ќе го дознае на утрешната ждрепка во Нион.

Фенербахче тргна офанзивно и уште од самиот старт нанижа неколку шанси. Најпрво се закани Озан со глава, а потоа и Шкртел, но Гачевски беше на висината на задачата, а потоа прилика имаше и Робин ван Перси, но ударот со глава заврши во рацете на вардаровиот голман.

Во 23. минута од мечот Фенер повторно имаше шанса преку Топал, но Гачевски беше на висината на задачата, а во наредниот период, Турците повторно шутираа, овој пат од далечина, но ударите на главната ѕвезда Валбуена завршија неуспешно.

Пред финишот на првото полувреме Вардар ја имаше најдобрата прилика за гол, кога Барсегјан излезе еден на еден со Камени, но стативата беше сојузник на Фенербахче. Без голови се замина и на полувреме, а Кочаман реши да ја освежи играта и да го внесе Солдадо на местото на анемичниот Робин ван Перси.

На самиот старт на вториот дел одлична можност имаше Озан, кој излезе пред Гачевски и шутираше со глава, но неговиот удар беше одлично прочитан. Притисокот на Фенер конечно ја „скрши“ вардаровата одбрана во 61 минута, кога Нојштадер успеа да постигне гол по еден прекин, откако се најде сам во шеснаесетникот и го совлада немоќниот Гачевски.

Но, „црвено-црните“ не се откажаа, иако Турците направија пеколна атмосфера по постигнатиот гол на своите миленици. Молк во Истанбул донесе Џигуари, кој во 68. минута доби топка од Фелипе, одлично се протна до голот на Камени и го надмудри Камени.

По постигнатиот гол фудбалерите на Фенер како да се предадоа, па Вардар диктираше темпо на игра. Најпрво се закани Спировски, но не погоди, шанса имаше и Фелипе, но и тој не реализира, но затоа, пресвртот го донесе Барсегјан, кој погоди по асистенција на Глигоров.

Вардар оваа година низ квалификациите на ЛШ дојде до третото коло каде беше елиминиран од Копенхаген, а Фенер беше дел од плеј-офот. Вардар ги доби двата меча со турскиот гигант и понатаму оди со вкупни 4-1.

Сподели.


Коментарите се затворени.