Дванаесет лица се затруле во 7-ца, една од најпознатите сендвичари во Скопје!

0

Дванаесет лица со симптоми на труење од храна се хоспитализирани во скопските болници, соопшти Министерството за здравство. Од таму велат дека лицата јаделе сендвичи со плескавици и пилешко месо во сендвичарницата „Седмица“ што се наоѓа на булеварот „Партизански Одреди“. Во текот на денов извршен е инспекциски надзор, а објектот е затворен.

„Денеска Државниот санитарен и здравствен инспектор од подрачно одделение Карпош беше информиран од ЈЗУ Центар за јавно здравје – Скопје за добиени пријави за заразно заболување –Dg: Toxoinfectio alimentaris, за лица кои консумирале храна – сендвичи со плескавици и пилешко со кечап и мајонез, во објектот ‘Сендвичара 7’ лоциран на булевар Партизански одреди. Надзорот беше извршен во соработка со екипа од ЈЗУ ЦЈЗ-Скопје (специјалист епидемиолог и техничар ) и двајца инспектори од Агенција за храна и ветеринарство“, соопшти Министерството, пренесува Макфакс.

Од увидот во сендвичарницата било утврдено дека општата санитарно-хигиенска состојба во објектот е добра и дека во него не се врши подготовка на храна туку се спрема во централна работилница, лоцирана на улица Борис Трајковски и со две наменски возила се дистрибуира во овој и уште неколку објекти низ градот.

Од МЗ велат дека за сите вработени лица доставени се уредно заверени санитарни книшки за месец март.

За бактериолошки мониторинг во врска со труењето од сендвичарницата земени се примерок, испирок од раце на вработена која ги подготвувала плескавиците, брисеви од грло и нос на три вработени кои послужуваат на пулт и брисеви од работни површини и мостри од храна.

Од Министерството соопштија дека до завршување на вонредниот надзор, бројката на лица со стомачни тегоби, проливи, гадење, повраќање и висока температура 39-40 степени изнесува 12.

Девет од нив се згрижени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, а на инфективното одделение во ЈЗУ ГОБ „8-ми Септември“ во моментот во дневна болница се згрижени уште тројца пациенти.

Инспекторите донеле решение за затворање на сендвичарницата и наложиле превентивно да се изврши вонредно темелно механичко чистење на просторот, опремата и работните површини; да изврши вонредна дезинфекција, дезинсекција и дератизација и да се изврши вонреден здравствено хигиенски преглед на вработениот персонал.

Истите мерки е наложено да се спроведат и во работилницата на угостителскиот објект.

Сподели.


Коментарите се затворени.