Неверојатни судбини, тие повторно ја измамија смртта: Џулија го преживеала третиот, а Крис вториот терористички напад во Европа оваа година

0

Во секоја несреќа некој секогаш има среќа, а 26-годишнат Џулија Монако од Австралија, вчера за време на терористичкиот напад во Барселона, во буквална смисла на зборот го искусила тоа што значи „трета среќа“.

Таа, имено, трет пат во последните три месеци колку што е на одмор во Европа, ја избегнала смртта во терористичките напади.

Оваа девојка од Мелбурн, престојувала во Барселона со своите пријатели, а вчера попладне била на улицата Ла Рамбла каде што терористите со комбе прегазија над 13 лица, а стотина повредија. За нејзина среќа, таа навреме забележала што се случува и се засолнила во една локална продавница.

Претходно таа во јуни била во Лондон кога во британската престолнина се случи нападот на еден од мостовите. Во тие моменти била во подземната железница веднаш до мостото каде што се случи нападот каде исламистите со ножеви и други остри предмети избодеа до смрт седум лица, а ранија над 50.

Потоа, неколку дена подоцна, Џулија била во познатата катедрала Нотра Дам во Париз каде што пред црквата се случи инцидент во кој што беше убиен напаѓач откако со чекан нападна полицаец и го повреди извикувајќи „Ова е за Сирија“. Најблиску до смртта сепак била вчера во Барселона.

„Луѓето трчаа панично и врескаа од страв. Ние со уште неколку луѓе се засолнивме во една продавница. Сите легнавме со лицето кон подот и чекавме опасноста да пројде“, изјави девојката од Австралија и порача дека нема намера да се врати дома и после ова, трето во низа трауматично искуство за неа.

„Чувствувам дека морам да останам овде и да не им дозволам – па кои и да се тие, да победат. Имам намера да видам се што планирав да видам и да останам во Европа“, изјави таа за британски „Дејли Мејл“.

Слична судбина го снајде и 30-годишниот Крис Павли од Манчестер. И тој вчера се затекнал во Барселона. Тој само што стигнал во својот хотел на улицата Ла Рамбла кога се случил нападот.

„Не можам да верувам што се случи. Насекаде имаше полиција и амбулантни возила, а продавниците беа затворени“, изјавил Крис за „Дејли Мејл“.

Тој оваа година бил на концертот на Аријана Гранде во Манчестер кога исто така радикални исламисти активираа експлозив. Во нападот загинаа 22 лица, а стотина беа ранети.

Сподели.


Коментарите се затворени.