6 начини како да го издржите денот по непроспиената ноќ

0

Доколку Ви се случило да останете бессони и не сте можеле да заспиете или во текот на ноќта сте се буделе безброј пати, веројатно тоа ќе Ви се “наплати” во текот на утрешниот ден, со умор и пад на концентрацијата.

Ваквата состојба можете да ја надминете навреме со помош на 6 едноставни трикови кои ќе Ви помогнат да го пребродите денот сè додека не добиете нова прилика за сон.

Станете без одложување

Одолговлекувањето на станувањето од кревет нема многу да Ви помогне кога Ве чекаат дневните обврски. Подобро е веднаш да станете за да имате доволно време да го разбудите своето тело. Подигнете ги ролетните, отворете го прозорецот – дозволете му на свежиот воздух и сончевата светлина да влезат во Вашата соба.

Појадувајте

Веднаш на почетокот од денот, важно е организмот да добие доволно „гориво“. Појадокот го покренува метаболизмот, па на тој начин ќе бидете поактивни и ментално и физички. Слободно дозволете си хранлив оброк (каша со овошје или млеко, јајца со шунка, интегрален сендвич, сирење или јогурт), но избегнувајте шеќер, бидејќи шеќерот само привремено ја подигнува енергијата, а неколку часа по тоа следи нејзин пад.

Не претерувајте со кафето

Наутро, кафето може да Ви помогне да се разбудите, но пиење шолја по шолја кафе во текот на денот нема да ја зголеми будноста, туку со тоа може да станете многу поуморни отколку што сте биле. Подобар избор се билните чаеви, свежо исцедените сокови и водата – со доволно течности ќе бидете помалку поспани.

Важните обврски извршувајте ги претпладне

Доколку сте имале лоша ноќ, најверојатно до попладне ќе бидете навистина уморни. Затоа потрудете се сите важни обврски и работи да ги завршите наутро или барем во првиот дел од денот, а оние помалите обврски оставете ги за попладне и навечер.

Движете се

Избегнувајте само да „вегетирате“ туку движете се кога тоа е возможно. Не заборавајте да пиете вода која не само што го освежува организмот туку може и да ја спречи главоболката. По можност, излезете на свеж воздух во 20-минутна прошетка.

Опуштете се следната вечер

Навечер немојте по секоја цена да се обидувате да го надополните сонот од претходната ноќ. Настојувајте да си легнете на време, без да се оптеретувате со сомнежот дека повторно нема добро да се наспиете. Едноставно пуштете сонот да Ви дојде без големи очекувања.

Сподели.


Коментарите се затворени.