Облечете се за себе и ќе изгледате сјајно

0

Во интервју за магазинот Buro24/7, новинарката Џолин Кор разговара со француската икона на стилот Инес де ла Фресанж која ова лето полни 60 години и зад себе има богато искуство во модната индустрија.

Од разговорот со оваа дама која важи за олицетворение на парискиот шик, ќе извлечете неколку клучни поенти на тема личен стил, како да го прифатиме стареењето, минливоста на модата и за сметка на ова безвременоста на личниот стилски идентитет.

Инес е поранешна манекенка, а денес дизајнерка и амбасадор на бројни познати брендови. Нејзиниот стил е ненаметлив, опуштен и токму тоа е нејзиниот „X” фактор благодарение на кој од себе создала бренд.

На прашањето Што за вас значи мода, Инес одговара дека штом конечно сфатиме за што се работи, тоа веќе е старо и демоде – едноставно не е можно постојано да се следи.

„Игнорирајте ја модата – тоа е најдобар начин да создадете свој сопствен стил. Никогаш немојте да копирате, но бидете информирани. И имајте храброст”, вели Инес во интервјуто.

Разговорот продолжува со акцент на индивидуалноста.

„Облекувајте се за себе, во она во кое вие се чувствувате добро и така ќе изгледате сјајно. Французинките се облекуваат така што во себе ја бараат самодовербата. Тие знаат дека, ако се чувствуваат добро, можат да заведат кого сакаат, а истовремено не заведува нивната облека, туку нивниот карактер”, советува Инес.

Во интервјуто се отвора и прашањето за стареењето и како да се соочиме односно да го прифатиме овој природен процес. По ова прашање, Инес има интересен став.

„Број еден е да не се трудите да изгледате младо, само старите жени се опседнати со тоа. Второ, одете во „high street” продавниците и на други места со поевтина облека. Трето, секогаш смејте се затоа што така брчките нема многу дави се гледаат. Никогаш немојте да го носите целиот свој накит наеднаш и за крај, слушајте Rolling Stones и танцувајте!”.

Сподели.


Коментарите се затворени.