Одложена детонацијата на бомбата во Штип – потребна евакуација на 5.000 лица

0

И покрај најавите, денеска немаше  ниту детонација ниту дислокација на бомбата во Штип.

Целата активност е одложена на неодредено време, поради проценката за неопходна евакуација на околу 5.000 жители од околните населби, како и сите вработени во компаниите околу местото каде е лоцирана гранатата. Конечната одлука за тоа треба да ја донесе Дирекцијата за заштита и спасување.

Ова , произвлегува од големата разорна моќ на бомбата која е со должина од  околу еден метар, а во неаима 70 килограми експлозиви. Разурнувачката моќ и е еден, а ударната три километри.

Тоа значи дека во радиусот на разорната моќ на проектилот од Втората светска војна влегуваат населбите Пребег, Горна и Долна Железничка и целиот индустриски дел на градот. Токму и поради ова, надлежните се одлучиле за дополнителни мерки на безбедност.

Во текот на вчерашниот ден е ископана дупка со длабочина од околу  четири  метри и со помош на кран, истата е префрлена таму, што на минимум ја сведува можноста за пропратни проблеми. Сепак, кога во прашање е бомба со 70 килограми експлозив во неа, дополнителна внимателност секогаш е потребна.

Според сегашните планови, постојат две можности за уништување на бомбата. Едната од нив е таа да се детонира во сабота или недела, односно во неработен ден. Втората пак, е проектилот да се дислоцира на Криволак или Сушево и таму да се уништи.

Сепак, досега никој ништо официјално не соопштува за денот и времето на уништување.

Инаку, авионската бомба беше пронајдена на 30-ти јуни, во Индустриската зона во Штип, при извршување на градежни работи од страна на вработен во штипска фирма .

Од Дирекцијата за заштита и спасување уверуваат  дека нема опасност од самоактивирање на авионската бомба, бидејќи на неа се уште си стојат запалките, а кога ќе биде уништена ќе се насочи кон теренот каде што нема население и објекти.

star

Сподели.


Коментарите се затворени.