петок, април 26, 2024
spot_img
ПочетнаШтип NewsСите ученици во Штип ќе добијат идентификациски картички за користење на градскиот...
spot_img

Сите ученици во Штип ќе добијат идентификациски картички за користење на градскиот превоз

Општинскиот линиски превоз во Штип ќе биде бесплатен за учениците, а секој еден од нив за таа намена ќе добие идентификациски картички. Со нивно приложување во автобусите, секој ученик ќе користи превоз до училиште. Директорот на ЈП „Стипион“, Панче Стефановски, вели дека набавката е веќе завршена, но списоците од училиштата се нецелосни.

„Завршена е постапката за печатарски услуги со која беше предвидена набавка на дневни, месечни и годишни билети за граѓаните, како и идентификациски картички за учениците за кои превозот е бесплатен. Со нивно приложување во автобусот учениците ќе патуваат непречено. Јавното претпријатие е подготвено во секој момент да ги издаде идентификациите, понатаму зависи од списоците кои ќе ги добиеме од училиштата“, истакна Стефановски.

Јавното претпријатие ќе ги достави идентификациските картички до училиштата, а тие ќе им ги поделат на учениците. Првите три дена превозот, секако, ќе биде бесплатен за сите граѓани, а во рок од околу една недела по почетокот на учебната година сите ученици би ги добиле идентификациските картички. Стефановски подвлече дека толеранции ќе има и на ниту еден ученик нема да му биде одземено правото на бесплатен превоз до училиште додека да се заврши постапката за идентификациските картички.

„Сите ученици за кои ќе добиеме комплетна документација од училиштата ќе добијат идентификации до почетокот на учебната година. Во некој разумен рок, ако има измени, ќе излеземе во пресрет на училиштата и сите тие ќе бидат регулирани како што ги комплетираат документите“, додава Стефановски.

А набавени се и дневните, единечни и повратни, месечните и годишните билети за сите останатите граѓани кои ќе плаќаат за користење на општинскиот линиски превоз според веќеутврдениот ценовник. Истите засега ќе се купуваат само во автобусите.

„Сите билети за почеток ќе се набават директно во автобусите, подоцна ќе се постават на продажба на локации кои ќе се наоѓаат блиску до постројките“, вели Стефановски.

Инаку, освен за учениците, општинскиот линиски превоз ќе биде бесплатен и за децата до петгодишна возраст и лицата со попреченост.

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
Google search engine
spot_img
spot_img

ПОСЛЕДНО ОБЈАВЕНИ